На 20-ти април 2017 година во Тренинг центарот во Идризово започнаа да се спроведуваат еднодневни обуки во врска со Меѓународните и националните стандарди од областа на извршувањето на санкциите во организација на Управата за извршување на санкциите.

На обуката свое обраќање имаа претставници на Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права кои дадоа посебен осврт на заштитата на човековите права во затворски услови согласно членовите 2, 3 и 5 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).

Оваа обука треба да придонесе за подигање на свеста за почитувањето на човековите права во затворските установи преку поблиско запознавање на затворските службеници со соодветните меѓународни стандарди и последиците од можните повреди на правата загарантирани со Европската конвенција за човекови права и со цел дејствијата на тортура и на нечовечко и понижувачко постапување и казнување да не станат дел од затворскиот систем.