Обврската  на државата за извршување на одлуките на Судот произлегува од членот 46 од Конвенцијата за човекови права. Во согласност со член 46 од ЕКЧП, Комитетот на министри врши надзор над извршувањето на пресудите на ЕСЧП. Ваквата надлежност Комитетот ја резлизира во принцип во текот на 4 редовни состаноци (DH meetings) во текот на годината.

Мерките кои се очекува да бидат преземени од страна на државата во процесот на извршување се од два вида:

Првиот вид на мерки – индивудуалните мерки – кои се однесуваат и се насочени кон апликантот. Тие се насочени кон одстранување на последиците кои апликантот ги трпел како последица на повредите на Конвенцијата костатирани во пресудата на ЕСЧП, и имаат за цел постигнување, на “restitutio in integrum” (враќање во поранешна состојба) во најголема можна мера.

Обврската за преземање на индивидуални мерки има два аспекти: прво, државата во принцип има обврска на апликантот да му исплати определeн паричен износ на име правично обештетување, односно надомест за штета за констатираната повреда на Конвенцијата, а досуден од страна на ЕСЧП во согласност со членот 41 од Конвенцијата.

Вториот аспект се однесува на фактот дека последиците од повредата не секогаш се соодевтно ремедирани исклучиво со исплатата на правичното обештетување во износ досуден од страна на ЕСЧП или пак со самото констатирање на повреда на ЕКЧП. Во зависност од околностите, обврската за restitutio in integrum, може да бара преземање понатамошни мерки како на пример, повторување на постапката за која ЕСЧП констатирал дека била спороведена спротивно на членот 6 од Конвенцијата  (право на правично судење).

Вториот вид на мерки – општите мерки – се однесуваат на обврската на државата да превенира идни слични повреди на Конвенцијата или ставање крај на континуираните повреди на Конвенцијата (како на пример, законски или дури и уставни измени, или пак зголемување на бројот на персоналот, измена на постојните практики и сл.). При оценката на општите мерки, Комитетот на министри особено внимание посветува на ефикасноста на мерките од аспект на превенирање на идни слични повреди на ЕКЧП и на тој начин превенирање на ткн. „клонирани случаи„ пред ЕСЧП, со наводи за исти односно слични повреди на Конвенцијата како оние веќе утврдени од страна на ЕСЧП во претходни пресуди. Ова е особено важно од аспект на извонредно големиот број на апликации со кој се соочува ЕСЧП во последните години и потребата од обезбедување на долгорочна ефикасност на системот на извршување.

 

Процесот на извршување на одлуките е регулиран во следниот закон

ЗАКОН ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ НА ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА (Сл. Весник на Р. Македонија бр.67/09 од 29.05.2009 година) погледни закон

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ НА ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА (Сл. Весник на Р. Македонија, бр.43 од 04.03.2014 година) погледни закон