Бирото за застапување на РМ пред Европскиот суд за човекови права го објави интернет изданието од првиот број на Билтенот посветен на судската практика на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Во првиот број на Билтенот се обработени 21 пресуда, кои главно допираат прашања по членовите 2, 3, 5, 6, 8, 10, 11, член 1 од Протоколот број 1 и член 4 од Протоколот број 7 од ЕКЧП. Три пресуди се против Република Македонија, седумнаесет пресуди се против други држави и една пресуда е против Република Бугарија.
„Европската конвенција за човекови права се разви во значаен инструмент за заштита на правата во државите-членки на Советот на Европа. Како резултат на тоа, судската пракса на Европскиот суд за човекови права се претвори во важна насока за заедничкиот стремеж на сите држави членки на Советот на Европа за избегнување на повреди на човековите права. Пресудите на Судот во Стразбур се донесени во поединечни случаи што се однесуваат на определени држави. Истовремено тие демонстрираат и начела кои треба да ги почитуваат сите држави-членки на Советот на Европа. Во случајов под „држави“ не се подразбираат само владите, туку и сите што работат во различните државни органи, а тоа пред сè се однесува на различните управи и на судиите во сите државни судови. Токму за нив пресудите на ЕСЧП се значаен ориентир. Од една страна тие пoмагаат при толкувањето на националните прописи, а од друга страна обврска на националните судови е да ги познаваат и да ги почитуваат пресудите на Судот од Стразбур“, се вели во предговорот.
Билтенот, кој ќе излегува на 6 месеци, се издава во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка.
Од Бирото истакнуваат дека за идните броеви читателите ќе бидат најсрдечно поканети да достават и свои придонеси во вид на научни придонеси на теми во врска со ЕКЧП, коментари на пресуди на ЕСЧП, но и извештаи за одржани настани на теми од областа на човековите права или прикази на публикации на вакви теми.
Билтен може да го преземете тука
http://www.akademik.mk/bilten-za-sudskata-praktika-na-evropskiot-sud-za-chovekovi-prava/