Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи е меѓународен договор врз основа на кој државите членки на Советот на Европа се обврзуваат дека ќе им ги обезбедат основните граѓански и политички права, не само на нивните државјани, туку исто така и на сите лица под нивна надлежност. Конвенцијата, која што беше потпишана на 4ти ноември 1950 година во Рим, влезе во сила во 1953 година.
Конвенцијата особено ги гарантира:
- право на живот (член 2)
- право на правична судска постапка (член 6)
- право на почитување на приватниот и семејниот живот (член 8)
- слобода на изразување, (член 10)
- слобода на мислење, совест и вера и (член 9)
- заштита на сопственоста. (член 1 Протокол бр.1)
Конвенцијата особено забранува:
- мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (член 3)
- ропство и принудна работа, (член 4)
- смртна казна
- арбитрерно и незаконито лишување од слобода (член 5) и
- дискриминација во уживањето на правата и слободите признаени со Конвенцијата
(член 1 Протокол бр.12).
Република Македонија ја ратификуваше Европската Конвенција за човекови права и основни слободи на 10 април 1997 година.
Европска конвенција за заштита на човековите права PDF file
European Convention on Human Rights PDF file
Истовремено, Република Македонија ги има ратификувано и Протоколите бр.1,2,3,4,5,6,7,8,11,12,13,14 кон Конвенцијата
На 16 јуни 2016 Република Македонија го ратификуваше Протоколот бр.15, кој сеуште не стапи во сила. Со овој протокол рокот кој за поднесување на апликација до ЕСЧП ќе биде скратен од сегашните 6 на 4 месеци, а се воведуваат и уште неколку суштински новини. Имено, се внесува принципот на субсидијарност и доктрината за простор за слободна
процена (margin of appreciation) во Преамбулата на Конвенцијата и се врши измена на критериумот за прифаќање кој се однесува на значителна штета за да се избрише вториот услов за спречување на отфрлањето на предметот, кој не е доволно испитан во домашните судови.