Денеска од страна на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) беше објавена пресуда која се однесува на апликацијата бр. 67259/14 поднесена до Европскиот суд за човекови права од страна на шест апликанти Насер Селмани, Тони Ангеловски, Билјана Дамеска, Фросина Факова, Снежана Лупевска и Наташа Стојановска- акредитирани новинари-репортери од Собранието на РМ, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 24 декември 2012 година.

Со оваа пресуда за првпат се утврдува повреда на правото на слобода на изразување од страна на Република Македонија, која слобода е заштитена со членот 10 од Европската конвенција за човекови права.  Според ЕСЧП оваа повреда  настанала како последица на отстранувањето на апликантите од собраниската галерија од страна на собраниската служба за обезбедување. Истовремено, ЕСЧП констатира и повреда на правото на правично судење од членот 6 од Конвенцијата поради неодржувањето на усна расправа пред Уставниот суд.

Во однос на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, во неговата пресуда ЕСЧП нотирал дека правилното спроведување на правдата во овој случај барало неопходно одржување на усна расправа во постапката пред Уставниот суд во која се одлучувало по барањето за заштита на слободата на изразување и правото на јавно изразување на мислата, поднесено од страна на апликантите врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 51 од Деловникот на Уставниот суд. Тоа било констатирано во светлина на специфичните околности на овој случај, при што одлучувањето по таквото барање според ЕСЧП не подразбирало само расправање на правни прашања, туку и утврдување на фактичката состојба врзана за отстранувањето на апликантите од Собранието, која вклучувала и факти кои биле спорни меѓу страните и можеле единствено да бидат утврдени по пат на усна, јавна расправа. Дополнително, ЕСЧП заземал становиште дека Уставниот суд при одбивањето на барањето на апликантите за одржување на усна расправа не изнел какви било причини поради кои тој сметал дека истата не е неопходна.

Што се однесува до повредата на членот 10 од Конвенцијата, ЕСЧП го применил во целост тестот на пропорционалност што е вообичаена методологија на анализа на основаноста на жалбените наводи кои се однесуваат на оваа одредба. Врз таа основа, тој најпрво утврдил дека отстранувањето на новинарите кои се јавуваат како апликанти во конкретниот случај од собраниската галерија од каде што тие известувале за текот на собраниската седница довело до вмешување во правото на слобода на изразување, дека истото имало правен основ во Законот за Собранието и Деловникот на Собранието, кои даваат овластување за преземање на соодветни мерки од страна на собраниската служба за зачувување на редот во собраниската зграда, а истовремено било преземено за остварување на легитимната цел за зачувување на јавната безбедност и спречување на нереди.

Во неговата пресуда ЕСЧП ја потенцирал значајната улога на новинарите во вршењето на нивната функција за известување на јавноста за прашања кои се предмет на легитимен јавен интерес и ги имал предвид  специфичните околности на овој случај. Во таа смисла и во светлина на одлуката на Уставниот суд од 16 април 2014 година со која било одбиено барањето за заштита на слободата на изразување, ЕСЧП констатирал дека причините кои биле изнесени од страна на Уставниот суд за да се укаже на неоснованоста на тврдењата на апликантите биле релевантни, но не и доволни за да го оправдаат отстранувањето на апликантите од галеријата. Со тоа, ЕСЧП заклучува дека настанала повреда на членот 10 од Европската конвенција за човекови права.

Врз основа на констатираните повреди на членот 6 и членот 10 од Конвенцијата, Европскиот суд за човекови права на секој од апликантите поединечно му досуди износ од 5,000 евра како надомест на нематеријалната штета претрпена со повредите на Конвенцијата.

Пресудата можете да ја погледнете тука:

CASE OF SELMANI AND OTHERS v. MACEDONIA