Во периодот помеѓу 5 и 8 септември 2016 година, делегација на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права оствари студиска посета на Рига, Република Латвија. Делегацијата беше предводена од г. Костадин Богданов, Владин агент- ВД Директор на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, а во нејзиниот состав беа вклучени и г-ѓа Даница Џонова и г. Велимир Деловски од Бирото за застапување.

Студиската посета претставува активност која се реализираше во рамките на ЕУ-Твининг проектот „Зајакнување на владеењето на правото“ во кој Бирото за застапување на РМ е активно вклучено уште од почетокот на 2016 година, а кој, меѓу другото, има за цел јакнење на институционалните капацитети на Бирото за застапување во делот на застапувањето на државата во постапките пред ЕСЧП, како и во однос на поефикасно извршување на пресудите на ЕСЧП донесени против Република Македонија.

Поконкретно, во рамките на посетата на Република Латвија Владиниот агент г.Богданов, како и вработените во Бирото за застапување, остварија средби со претставници на повеќе сектори во Министерството за правда на Република Латвија, меѓу кои и г.Агрис Баталаускис, директор на Секторот за проекти при Министерството за правда, со претставници на Канцеларијата на Омбудсманот, со застапникот на Република Латвија пред организациите на човекови права, г-ѓа Кристине Личе и дел од нејзиниот тим кој е задолжен за застапување на државата во постапките пред Европскиот суд за човекови права, г-ѓа Солвита Калниња-Кауне, директорка на Бордот на Правосудниот центар за обука и професори на Универзитетот во Латвија, истакнати експерти во областа на човековите права.

Освен тоа, беа реализирани и состаноци со советници во одделите за истражување и судска пракса на Уставниот и Врховниот суд на Латвија, како и со неколку реномирани судии на Уставниот и Врховниот суд, вклучително и со Проф.д-р Инета Зимеле, судија на Уставниот суд и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права (2005-2014). При сите остварени состаноци и контакти со претставници на највисоките правосудни и управни институции делегацијата од Република Македонија се запозна со улогата на овие институции, нивната организациска поставеност и механизмите на меѓусебна соработка, како и со нивните искуства во однос на домашната имплементација на Европската конвенција за човекови права и судската практика на Европскиот суд за човекови права, вклучително и идните предизвици во оваа област.

Студиската посета на Владиниот агент и Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП на Република Латвија претставуваше извонредна можност за размена на меѓусебните искуства на двете држави, и основ за натамошна соработка во иднина.